Долго време ја следам ситуацијата на ова поле. Се чудам на незнаењето, навиките, одбивноста на нешто што е тренд во светот.

Во Македонија овој пазар (рекламирање на веб) е во зародиш. Постојат фирми кои издвојуваат буџет за ваков вид на промоција. Но тоа се мал број, се губат во целата слика на македонскиот бизнис простор. Постојано се прашувам зошто нема веб маркетинг?

ПРО: Придобивката од ваквиот маркетинг е неверојатна! Постојат разни можности и опции: од динамично менување на рекламата, линкување до сајтот на фирмата, па до форми на анкетирање на купувачи, дистрибуција на информации преку е-весници итн. Фирмите ова не го знаат! Да бидам попрецизен, газдите-директорите не го знаат. Бидејќи е тоа така, и да има прогресивни сили кои ќе иницираат-настојуваат вакво рекламирање, веројатно плашејќи се дека инвестицијата нема да врати ништо, тие го одбиваат ваквиот предлог (ова е моја претпоставка, но и слушнат став на голем број вработени на позиции „маркетинг“ во македонски фирми). За жал, нашите маркетинг агенции многу малку иницираат трошење на пар за промоција преку веб. Зошто е ова така?

КОНТРА: Секогаш се прашувам, постои ли понуда за вакво рекламирање на македонски сајтови? Постојат ли сајтови кои ќе дадат „сигурност“ дека инвестираните пари во веб промоција ќе бидат успешно завршена работа? Мојот одговор е ДА. Но, контактирајќи со луѓе од маркетинг агенциите, добивам впечаток дека нивниот одговор е НЕ. Дали е ова вака?

Во Македонија драстично се зголеми бројот на интернет корисници. Понудата на македонски веб страни е задоволителна. Не можеме да се пофалиме со големи веб проекти како некои странски, но за наше поднебје, такви какви што сме, тоа што го имаме – ми дава за право да констатирам дека ИМАМЕ МАКЕДОНСКИ ВЕБ ПРОСТОР за ВЕБ МАРКЕТИНГ. Во развиените земји постојат многу примери на заштедување големи пари од промоција при преземени чекори за напуштање на традиционалните начини на промоција виза ви драстичното зголемување на промоција на интернет преку алатките на веб маркетингот.

ЕДНОСТАВНО:

    1. Не можеме да очекуваме број на посети какви што имаат странските сајтови: Со нашиот јазик говорат, да речеме, 4.000.000 (2.000.000 во Македонија, и уште толку надвор од неа).
    1. Следствено на претходното, цените за веб промоција не можат да бидат ниту приближни на оние од странските сајтови: тоа дава за право нашите фирми да искористат готови примери на успешна веб промоција за многу помалку пари.
    1. Имаме луѓе што знаат да работат веб маркетинг. Постојат образовни институции што активно вршат образование за е-бизнис, на пример.
    1. Да не одбиваме новитети, особено ако тие се корисни. Неаргументираното бранење на традиционалните навики на промоција прават невиден трошок кој најчесто не се враќа во онаа мера која што се очекува.

ФИРМИ, потрошете само 10% од вашиот буџет за реклама во електронските и печатени медиуми за веб промоција. Аналитиката на успешноста на веб промоцијата е далеку поточна, за разлика од другите наведени медиуми. Тоа ќе ви даде за право да процените што е подобро: 1000 € за банер за една година, или 1000 € за 30 секунди видео спот еднаш дневно, односно 500 € пола страничка црно бела реклама еднаш во едно печатено издание (цените што ги наведувам се просечни според постојните ценовници за промоција на македонските медиуми).

НЕ ПОСТОИ ЗАМЕНЛИВОСТ НА МЕДИУМИТЕ. Но правилната комбинација на традиционалните со методите на веб промоција е далеку подобра варијанта, особено по џебот дами и господа бизнисмени! Ве натерав да потрошите 1000 € за проба? Тоа ви е 170 денари дневно, или колку една шарска и кригла пиво кај Злате. Трошите повеќе за оваа намена, гарант!